ПЕТАР,
ПО МИЛОСТА БОЖЈА,
МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ
И АДМИНИСТАРТОР
АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ,
НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО,
ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО
И ВЕРНИТЕ ЧЕДА
ВО ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА
И АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА
ЕПАРХИЈА, ИМ ИСПРАЌА
МИР И БЛАГОСЛОВ,
ПОЗДРАВУВАЈЌИ
ГИ СО НАЈТОРЖЕСТВЕНИОТ
ПОЗДРАВ
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
„Христос Воскресна
од мртвите, со смртта,
смртта
ја победи и на оние
во гробовите живот им
даува!“
(Велигденски тропар)
Возљубени чеда во Христa
Воскреснатиот!
Прекрасните
зборови од Велигденскиот
тропар, ги возвеличуваат
воскресенските богослужби,
и со неизмерна духовна
радост ги исполнуваат
нашите души и срца, а покрај
тоа ја откриваат и суштината
на Христовото Воскресение.
Во
овие најрадосни Велигденски
денови, ние се поздравуваме
еден со друг со најрадосниот
христијански поздрав:
„Христос Воскресе“,
а одговараме на поздравот:
„Навистина, Воскресе“.
И навистина нема поторжествен
и порадосен поздрав
од овој поздрав.
Длабоко
сме уверени, дека во овие
воскресенски денови,
ако и непријателот наш
нè поздрави со „Христос
Воскресе“, во тој случај,
ние ќе го возљубиме како
пријател.
Гледате
ли каква неисцрпна духовна
радост ни причинуваат
овие два збора во „Овој
ден што го создаде Господ,
за да се зарадуваме и
развеселиме во него“,
кој што уште е наречен
празник над сите празници
и торжество над сите
торжества.
Ете,
само два збора! Ниту објаснување
има, ниту доказ! Овие два
збора само соопштуваат
и објавуваат: „Христос
Воскресе“. Веднаш во
храмот по слушањето
на овие зборови од свештеникот,
се случува чудо, и тоа
секогаш исто чудо! Се
разлева од многубројните
усти, радосниот одговор:
„Навистина Воскресе“.
И душата длабоко ги прима
овие два збора, и срцата
највистински ги примаат
овие два збора и наеднаш
отстапува ноќта, која
станува посветла од
ден, се отвораат црковните
двери и почнува неизмерната
Велигденска радост,
како резултат на победата
над смртта, на која и велиме:
„Смрт, каде ти е осилото?
Аде, каде ти е победата?“
(1 Кор. 15: 55), „Воскресна Христос
и животот живее…“
Празникољупци во Христа
Воскреснатиот!
Сигурно
ќе се запрашате од каде
и како дојде смртта?
Бидејќи,
измамени од ѓаволот,
првите луѓе, нашите прародители
Адам и Ева згрешиле и
го загубиле рајското
блаженство, односно,
умреле, најнапред духовно,
а потоа и телесно, а тоа
значи, Адам умрел со душата
- според гревот и со телото
по природа, т.е. со двојна
смрт.
Првата
смрт беше душевна, а втората
телесна. Бидејќи душата
е бесмртна, душевната
смрт е гревот и одвоеноста
од Бога. Секоја душа која
не е во заедница со Бога
(поради гревовите) е мртва,
односно живее во вечни
страдања.
Господ
Бог, по своето големо
милосрдие, и од преголемата
љубов кон човекот не
го оставил во вечно бедна
состојба, туку уште со
првото Евангелие им
ветил на нашите прародители
дека ќе им испрати Спасител,
Кој ќе ги избави од гревот
и смртта. Па така, со доаѓањето
во светот на Синот Божји,
Христос нашиот Спасител
– ние бевме и сме избавени
од гревот и смртта, преку
неговата смрт.
Ја
гледате ли, браќа и сестри
разликата? Ние умревме
со двојна смрт, затоа
треба и да чекаме двојно
воскресение, а Христос
умре со една смрт, затоа
и со едно воскресение
воскресна. Во Христа
имаше една смрт, зашто
Он не згрешил, а една беше
заради сите нас.
Он,
значи, со една телесна
смрт, „Заради нас и заради
нашето спасение“ умрел,
затоа со само една, т.е.
телесна смрт воскреснал.
Ние, пак, бидејќи со двојна
смрт сме умреле и двојно
воскресение треба да
имаме. Еднаш веќе сме
воскреснале, кога сме
се ослободиле од гревовите,
зашто сме се сопогребале
со Христа при крштевањето,
и со Него преку крштението
сме воскреснале.
Првото
наше воскресение значи,
беше ослободување од
гревовите, а второто
ќе биде телесно. Првото
е повозвишено и поголемо
од второто, затоа што
всушност многу повеќе
е чудно од грев да се очистиш,
отколку да видиш како
телото станува - воскреснува
(како од сон). А телото умира
затоа што згрешило! И
како што почеток на падот
е гревот, така и ослободувањето
од гревот е станување
– воскресение.
Браќа и сестри!
Во
Стариот Завет, Еврејскиот
Богоизбран народ, а богоизбран
бил затоа што до раѓањето
Христово ја зачувал
чиста верата во едниот
Бог, последиците од гревот
во повеќе наврати ги
почуствувал. Но, најмногу
ги почуствувал кога
се нашол во ропството
египетско - фараонско.
Господ од ропството
на фараонот – кој е праобраз
на ѓаволот – го избавил
преку водачот на Еврејскиот
народ, св. пророк Мојсеј.
Го избавил со тоа што
му пуштил десет казни
на Египетскиот народ,
од кои најголема била
последната, убивањето
на сите првенчиња египетски
од луѓето па сè до животните.
Господ
му рекол на Мојсеј, Израелците
да нацртаат знак над
надвратниците на Израелските
домови, со две црти, хоризонтални
и вертикални, односно,
крст, со крвта од пасхалното
јагне, што на најголемиот
празник Пасха, го јаделе
Израелците.
Пасхалното
јагне го предобразува
Христа, Новозаветното
Јагне.
Ангелот
Божји, кој ги убивал сите
египетски првенци, кога
ќе го видел крсниот знак,
одбележан од крвта на
пасхалното јагне, ги
одминувал еврејските
домови. Затоа значењето
на празникот Пасха е
Премин; поминување покрај.
Како
што со крвта на пасхалното
јагне биле избавени,
спасени Еврејските првороденчиња,
исто така, со крвта на
Христа, пролеана на крстот,
избавен е човечкиот
род.
Како
што Мојсеј, за да го доведе
Еврејскиот народ во
ветената земја – Палестина,
морал да го преведе преку
вода – преку Црвеното
море, кое е праобраз на
крштението наше во Христа,
така и ние, ако сакаме
да влеземе во ветената
земја – Царството небесно,
не можеме тоа да го сториме,
доколку не се крстиме.
Но, бидејќи, и по крштението
ние, по нашата слаба човечка
природа паѓаме во гревови,
нашето избавување може
да биде преку повторното
духовно раѓање, светата
тајна покајание и исповед,
која завршува со тајната
над тајните, светата
причест, која конечно
ги чисти нашите гревови,
доколку кон неа подготвени
пристапуваме.
Во
Стариот Завет за простување
на гревовите се принесувале
жртви од животни, кои
беа праслика на Жртвата
над жртвите, Христос
нашиот Спасител, Кој
заради нас пострада
и беше распнат и преку
неговата света крв се
избавивме.
Па,
ајде и ние, браќа и сестри,
да принесеме жртви, но
не млади телиња и јагниња
„Кои имаат рогови и копита“,
туку да му принесеме
пофална жртва на Бога
на горниот Жртвеник
заедно со вишните Ангелски
Хорови. Да ја поминеме
првата завеса, да пристигнеме
во втората, и да ѕирнеме
во Светињата над светињите.
Ајде
самите себеси да се принесеме
на жртва на Бога. Подобро
речено, на Бога да Му го
жртвуваме секој наш
миг, секој наш ден, секое
наше движење, секој наш
здив. Ако сме како Симон
Киринеец, да го земеме
крстот Христов и да тргнеме
по него. Ако сме сораспнати,
како благоразумниот
разбојник, со него да
го познаеме Бога, и да
му се поклониме на Оној,
Кој заради нас беше распнат,
за да влеземе со разбојникот
во Рајот, за да дознаеме
од каде сме испаднале.
Ако
сме како Јосиф од Ариматеа,
да го погребеме телото
Христово, ако сме како
Марија, Саломија, Јоана,
да заплачеме рано наутро
од желба да ги сретниме
Ангелите и да го сретнеме
и видиме самиот Христа;
да потрчаме како Петар
и Јован кон гробот, но
ако задоцниме како Тома,
да не се сомневаме во
Неговото Воскресение.
Да
го прославиме Оној, за
Кого е напишано дека
бил на смрт предаден,
но и дека Самиот Себеси
се предал; дека е воскреснат
од Отецот и вознесен
на Небесата; но истовремено,
Кој Самиот Себеси се
воскреснал и се искачил
пак кај Отецот.
Сечесни отци, преподобни
монаси и монахињи, мили
наши духовни чеда!
Во
деновите на оваа сеопшта
велигденска радост,
сакаме најнапред да
ги поздравиме новородените
и новокрстените младенци
со најрадосниот поздрав
Христос Воскресе, и да
им посакаме, телесно
и духовно воскреснување
во новиот телесен и духовен
развој.
Ги
поздравуваме и малолетните
и возрасни ученици и
ги поттикнуваме и поучуваме
да бидат послушни на
своите родители и учители,
кои посебно се грижат
за нивниот духовен и
физички развој, како
би се оформиле, во наполно
физички и духовно зрели
личности.
Ги
поздравуваме студентите
кои се наоѓаат во екот
на нивната физичка и
психичка моќ и кондиција,
и им напоменуваме дека
нивните физички, психички
и духовни сили и потенцијали
да ги исползуваат во
акумулирање на што повеќе
знаења од областа на
науката, економијата,
техниката, просветата
итн., но истовремено и
пред сè, во духовниот живот,
чувајќи се од современите
пороци, алкохолот, неморалот,
дрогата, криминалот
од секаков вид, кои ја
разоруваат личноста
и го уништуваат нејзиниот
живот телесен и духовен.
Младите се најсилниот
потенцијал и од нив, во
најголема мера, зависи
иднината на државата,
нацијата и Црквата, зашто
каква младина имаме
и таква иднина ќе имаме.
Па
затоа, подигнете ги горе
срцата, и не гаснете го
духот (1 Сол. 5: 19), посетувајте
ги храмовите - црквите
и читајте православна
духовна литература.
Доколку стамено го носите
пламенот на Божјиот
Дух, нема да се исплашиме
ниту за вас, ниту за нашата
Света Црква.
Ги
поздравуваме и младите
брачни заедници, од кои
зависи и биолошкиот
и духовниот опстој на
Татковината и Црквата,
и ги предупредуваме
да се чуваат како од неизгаслив
оган, дури и од помислата
на чедоморството - абортусот,
спречувањето на бременоста
и неверството во бракот,
на кои крајот им е вечниот
оган - пеколот, а ги охрабруваме
и насочуваме да бидат
прекрасни родители на
многудетни семејства
и одлични воспитувачи
на своите деца, зашто
семејството е клетката
на општеството, а семејната
- домашната црква, основа
на големата Црква, верниците
со свештенството собрани
околу Епископот. Нема
поголема радост од многудетни
семејства, воспитани
во верата наша света
православна.
Ги
поздравуваме и средовечните,
зашто тие со своите зрели
години и со стекнатите
искуства на истрајно
чесно и достојно живеење,
треба да бидат вистински
пример на децата и младите
во животот и делата.
Ги
поздравуваме и болните,
изнемоштените, немоќните,
а и сите што се наоѓаат
во тешки искушенија,
страдања и болести душевни
и телесни, сиромаштија
и беда, осаменост, напуштеност
и отфрленост, знаејќи
дека Господ никогаш
нема да ни даде поголеми
искушенија и страданија,
отколку што можеме да
поднесеме. Затоа, да не
се жалиме и да не го отфрламе
сопствениот крст, преку
кој најлесно можеме
да се спасиме и да го здобиеме
Царството небесно.
Ги
поздравуваме и морално
паднатите - грешниците,
зашто и тие се чеда Божји,
а Господ не сака грешникот
да погине, туку да се спаси,
а пак за еден покаен грешник,
знаеме дека сите ангели
на небесата се радуваат.
Најголемата
трагедија за морално
паднатите е да останат
во своите гревови, како
свињите кои се валкаат
во калта и нечистотијата,
или пак да се враќаат
на своите поранешни
гревови, како кучињата
на својата блујаница,
како што вели св. Климент
Охридски Чудотворец,
туку тие нека се угледаат
на можеби и од нив поголемите
грешници, кои со светото
покајание и исповед,
преобразба, преродба
и воскресение, станале
свети обрасци, како на
пр. св. Марија Египетска,
св. Марија Магдалена,
св. ап. Павле, св. Кипријан,
св. Таиса, Разбојникот
на крстот итн. и нека не
очајуваат, зашто нема
грев што не може да биде
опростен, освен хулата
на Светиот Дух и самоубиството.
Ги
поздравуваме добротворите,
дарителите, приложниците
на св. цркви и манастири,
како и одборниците и
настојателите на црквите
и манастирите, кои со
своите прилози и посветеност,
грижа, па дури и запоставување
на нивните семејства,
ги разубавуваат црквите
и манастирите, а со тоа
им даваат можност на
верниците, монасите
и монахињите, попредано
да се молат за себе и за
сите.
Ги
поздравуваме и старците
и стариците и сите во
одминати години, да се
борат со искушенијата
до последен здив, по примерот
на св. ап. Павле и праведниот
Симеон, за да можат да
кажат, „Добра битка војував
и извојував, верата ја
одржав, а сега го чекам
венецот што ќе ми го даде
Христос“, или „Сега отпушти
го твојот слуга Владико,
во мир, според Твоите
зборови…“
Ве
поздравуваме и Вас, кои
редовно или повремено
доаѓате на богослужбите
во црквите, со напомена
дека според Светите
Канони, секој оној што
три седмици едноподруго
неоправдано отсуствувал
од Литургијата, се самоодделил
од неа, односно Го напуштил
Бога и духовно умира.
Најпосле,
ги поздравуваме и сите
свештеници, свештеномонаси,
монаси и монахињи во
од Бога доверените ни
епархии: Преспанско-пелагониска
и Австралиско-новозеландска,
кои ревносно и богопредадено
ја извршуваат својата
пастирска, учителска
и подвижничка дејност
и се грижат за своите
духовни чеда, а малубројните
монаси и монахињи, непрестајно
се молат за спасение
свое и на сите луѓе.
„Дојдете
сите верни, да се поклониме
на светото Христово
Воскресение, зашто преку
крстот му дојде радост
на целиот свет“.
Уште
еднаш Ве поздравуваме,
возљубени отци, браќа
и сестри, со Велигденскиот
и најрадосен поздрав:
„Христос Воскресе“,
а заедно со вас и со целата
Црква исповедаме „Навистина
Воскресе“. Амин.
На
Велигден, 2009 година
Ваш молитвеник пред
Воскреснатиот Христос
Битола
Митрополит Преспанско-пелагониски
и
Администратор
Австралиски и Новозеландски
Петар